Македонија 2009

МАКЕДОНИЈА 2009 – Година на Искушенија

macedonia Започна уште една година. Кога бевме малечки едвај чекавме да ни пристигне новата година на санките на виртуелниот Дедо Мраз. Се беше како во бајките, снег до коленици, ние со вцрвенети обравчиња на санките, татковците се враќаа од пазарите влечејќи зад себе вистинска елка, влегуваа во топлите соби, ја ставаа елката на сред соба, а ние, децата рипкавме околу него во очекување да ги стави рацете во џебовите и да истури грст свелтикави бонбони и мали тркалезни златни чоколатчиња. Бевме задоволни со малку.Немаше мобилни, пишувавме убави честитки до роднините и пријателите, немаше кабловска, заспивавме со чичко Борис Мајсторов и неговите 101 приказна, немаше компјутери па затоа ги читавме книгите за лектира позајмени од тетка Ката Мисиркова, библиотекарка во библиотеката Браќа Миладиновци, која потоа стана позната писателка. Потоа пораснавме, ги чекавме новите години за да се собереме кај некое другарче, да се напиеме винце или пивце, да го одиграме првиот стискавец со нашата симпатија и да размислуваме на кој факултет да се запишеме. Кој го завршуваше, кој не а потоа се запослувавме, женевме, добивавме дечиња и пуштавме стомачиња. Вистинска класика. Немаше проблеми со името, за Грција бевме запад, немаше затворање фабрики, имаше огнени утра, чад од оџаците, немаше поделба на сини и портокалови, сите бевме црвени.
Гевгелија

Гевгелија низ вековите

А, потоа одеднаш ни се стемни. Класиката ја растурија некои дебели глави и сите влетавме во едно време со многу грдо име- транзиција. Еве трае тоа време веќе 17 години, една третина од просечниот живот. Не му се радуваме на новите години, затоа што се грди и неубави, природниот мирис на елките го замени мирисот на пластика, а нашите деца не рипкаат повеќе околу нас бидејќи немаме што да извадиме од скинатите џебови, мобилните ни станаа средство на комуникација дури и со сопствените деца, а тие незадоволни од нас заспиваат над компјутерот и бегаат или во странство или во царството на дрогите. Што бидна со Дедо мраз и кој ја зеде невиноста на нашата иднина. Се прашувам тоа сега, на почетокот на 2009 година и никако да најдам одговор. Поточно го насетувам но се плашам да го запишам. Некако прстите не сакаат да ги најдат вистинските букви, како да се плашам од она што ќе остане запишано на екранот од компјутерот
Светот неповратно се менува, сакале ние тоа да го признаеме или не. Нема повеќе поделба на два блока предводени од Америка и Русија. Тука веќе се појавува азискиот џин Кина која буквално голта се пред себе. Ако се запалат сите сијалички на кинеските шопови во светот во исто време тогаш целата земјина топка ќе се обои во црвено. Капитализмот е во длабока криза, што од тоа што повеќе нема пазари за освојување, бидејќи има многу роизводи а нема пазари нови,што од фактот кој стои а тоа е дека кинеските ефтини производи го преплавија светот. Пропаѓаат банки во Америка а Европа се тресе во страв. Разединета, пука по сите шавови. Ја шибаат американски, германски, француски и руски ветришта. Заспаната руска мечка станува господар на европските домови кои се загреваат на гас а Америка го чека својот нов месија Обама да дојде со волшебно стапче и да ги реши сите проблеми. Мало морген, што би рекол на времето српскиот вожд Милошевиќ.
Гевгелија 2009

Гевгелија 2009
Година на искушенија

А, Балканот останува истото буре барут. Никако да ни дозволат да дигнеме глава, се продуцираат кризи,се бара исполнување на се повеќе обврски од балканските земји за да влеземе во таа пуста Европа. И кога ќе влеземе што. До тогаш ќе ја нема Европската унија, како што ја снема СФРЈ. Седумнаесет години сме експериментални глувчиња во лабораторијата на големите сили. Ни даваат да дишеме воздух на лажички, не ни даваат да излеземе од нашите дворови, биле калливи. Ех Европо, Вавилонска проститутке. Кога на овие простори се ширела културата, вие драги мои европејци газевте кал до коленици. Затоа не сакате да не има, затоа што имате комплекс на пониска вредност, затоа што ве потсетуваме каде сте биле некогаш. И, затоа си играте со нас како во оние компјутерски игри. Но нека, доаѓа времето на расплетот. Оваа година следи конечното решавање на косовското прашање. Поделба на Косово или Косово независна држава. И едното и другото носи големи ризици,барем за нас македонците. Ај што треба да внимаваме дали албанскиот народ ќе посака да живее во една држава, туку треба да внимаваме да не ја изгубиме оваа нашата Македонија. Така барем пишти оној Самарас, следен од Караманлис.Оваа година ќе бидеме под невиден притисок да се откажеме од името. Растрчани се дипломатите низ нашава земја и божем пријателски не советуваат да попуштиме околу името а тие ќе не втурнеле во Европа,директно. Морков гледам, компир вадам, би рекле старите. И самите знаат дека тоа не оди така. Не може еден човек да има два кума, нели. Ќе да се плашат, така ми стои, од една работа.А тоа е името Македонија. Имаат уплав. Оти тоа е свето и библиско име, големо е, големо колку што е голем светот и векот. Знаат дека ако попуштиме дека ќе се разнебитиме, и затоа сакаат што побргу да ја завршат работата.
Затоа памет во глава македонци,и вие од лево и вие од десно,а особено вие кои глумите средина и незаинтересираност. Оваа година ќе биде решавачка, барем според моите скромни разбирања. Треба да се одигра вистинскиот потег. А, како кога сме во цајтнот. Би рекол со студени глави и големо и топло срце. Оваа, нашава генерација го полага најголемиот животен испит. Да се биде или не, би рекол Хамлет. Јас би дополнил, да се биде но со гордо крената глава, никако со наведната
Изборите, оние локалните и претседателските, нема да ги коментирам. Кампањата сеуште не започнала. Ќе се воздржам. Ќе кажам само едно. Оваа генерација е пред вистинскиот предизвик да ги промовира умните, чесните, трудољубивите и оние на кои на срцето им лежи Македонија, а да им каже не на оние кои само ги интересира каде им лежат лесно спечалените пари. Ќе завршам како што умееше да рече Борис Трајковски – Да сме живи здрави и Господ да ја благослови Македонија.  
dojransko ezero

Дојранско Езеро

по своите корени

 

You may also like...

1 Response

  1. Mr. admin says:

    Test

За што не објавуваат медиумите, тоа не се ни случило.
Translate »